[Колумна] Насоки за развој на социјалното претприемништво во земјата

  • Post author:
  • Post category:News

Насоки за развој на социјалното претприемништво во земјата

На овој степен на развиеност на економскиот систем се јавуват проблемите на одржливост, инклузивност и кохезија. Креаторите на политиките како и академските економисти се насочени кон анализи, истражувања и крeирање на механизми за одржливост, инклузивност, партнерство и кохерентност на економскиот систем. Една од алатките која помага во решавање на претходно споменатите предизвици е  социјалното претприемништво.

Во поширока смисла, под социјално претприемништво се подразбира користење иновативни практики во производството и во продажбата на производи и/или услуги на локалниот пазар за генерирање приход што ќе се искористи за остварување социјална/општествена мисија . Што се однесува на социјалното претприемништво во Македонија, истото сѐ уште е во зародиш и се неопходни системски мерки и механизми за поддршка на неговиот развој.

Најпрво, неопходно е дефинирање на стратешка рамка со конкретен буџет, каде ќе се дефинираат главните стратегиски насоки за развој на социјалното претприемништво и во истата ќе бидат дефинирани одредени развојни индикатори за следење на ефикасноста на реализацијата на тој буџет.  За имплементација на овој процес потребна е хоризонтална соработка и партнерство од страна на граѓански организации, истражувачки центри како и од самиот образовен сектор.

Покрај, класичните капитални инвестиции и следењето на нивната ефективност и реализација, треба да се размисли за формирање на посебен фонд за капитални инвестиции во социјалните претпријатија, со цел да се зголеми потенцијалот за идниот развој на овие претпријатија. Кон поддршката на социјалното претприемништво во нашата земја, треба да се вклучи и финансискиот сектор преку развивање на разни микрокредитни производи, кои се потребни за развивање на овој сегмент.

За да овие мерки го дадат својот ефект, неопходен е континуитет во водењето на самата политика на социјално претприемништво, како и поддршка и партнерство од сите сектори. Исто така, како основа за развивање на целокупниот модел на социјално претприемништво, потребно е јакнење на конкурентноста на македонското стопанство.

Овој концепт на социјално претприемништво може да се имплементира на сите нивоа од економскиот развој, а најповеќе може да се искористи како катализатор на руралниот развој, преку имплементирање на моделот на задругарство. Овој модел би бил најсоодветен имајќи го во предвид карактерот на нашата економија како аграрна земја, а со цел постигнување на економии од обем во аграрот потребно е окрупнување на земјоделските стопанства, што може да се постигне со формирање на земјоделски задруги. Сето ова ќе даде дополнителен импулс на поголема конкурентност и одржливост на аграрот во нашата економија и е добра основа за негова структурна трансформација во насока на концептот на еко-земјоделство.

Што се однесува до индустриите и секторите на кои би можел да се аплицира овој модел, може да се размисли за текстилната индустрија, каде најпрво треба да се зголеми нивото на финализација на производството. Сето ова ќе има позитивна амплитуда на стимулирање на зелени работни места како и развоен импакт врз индустријата за управување со отпад што во крајна инстанца ќе влијае на одржливоста на нашата економија. Концептот на социјално претприемништво треба да се гледа и како механизам за превенирање и антиципирање на ризиците од голема сиромаштија и  ризиците во однос на постигнување на целите на одржлив развој воопшто.

Ристе Костовски

Ристе Костовски

Авторот е студент на пост-дипломски студии на Економскиот факултет во Скопје.